Свет

САД верува дека зад убиството на Дарја Дугина стои Украина

Американските разузнавачки служби веруваат дека поединци во украинската влада го одобриле убиството на Дарја Дугина, ќерката на влијателниот руски филозоф Александар Дугин.

Веста ја објави Њујорк Тајмс, наведувајќи дека САД негираат каква било вмешаност во овој напад.

Разузнавачките служби на Соединетите Американски Држави не биле запознаени со планот на нападот во кој беше убиена руската новинарка Дарија Дугина, но неименувани административни службеници во Вашингтон, по експлозијата во Москва, ги прекорија Украинците, со оглед дека таков настан може да долее масло на огнот на конфликтот.

Нови детали за атентатот во кој беше убиена ќерката на Александар Дугин објави „Њујорк тајмс“ врз основа на документ што минатата недела им беше дистрибуиран на претставници на администрацијата во Вашингтон.

Во документот се наведува и дека Вашингтон не бил однапред информиран за плановите за нападот и дека не дал разузнавачки информации или каква било друга помош, но украинските власти по атентатот добиле жестока опомена.

Дневник, повикувајќи се на изјави на неименувани функционери, наведува дека не е соопштено кој ја организирал оваа операција и дали истата била одобрена од претседателот Володимир Зеленски.

Исто така, не е соопштено кој од американските функционери ги прекорил Украинците, ниту каков бил нивниот одговор.

Веднаш по убиството на Дарја Дугина, властите во Киев ја отфрлија одговорноста за вмешаност во нападот. Во тоа време, советникот на Зеленски, Михаил Подољак, ја отфрли одговорноста за нападот, наведувајќи дека „руската пропаганда живее во измислен свет“.

„Руската пропаганда живее во измислен свет. Украинка и нејзиното 12-годишно дете се одговорни за кревање во воздух автомобилот на пропагандистот Дугина. Изненадувачки, тие не нашле естонска виза на местото на настанот“, објави Подољак на Твитер.

По експлозијата руската Федерална служба за безбедност соопшти дека убиството го извршил државјанин на Украина, кој потоа побегнал во Естонија. Слични обвинувања во седиштето на Обединетите нации во Њујорк упати и шефот на руската мисија во светската организација Василиј Нбензја.

Дарја Дугина загина на 21 август во експлозија на автомобил во предградијата на Москва. „Toyota Land Cruiser Prado“ била сопственост на нејзиниот татко.

На почеток