Рафинеријата ОМВ Швехат повторно ќе работи со полн капацитет
Рафинеријата ОМВ Швехат во наредните денови постепено ќе ја рестартира својата работа со полн капацитет, по неколкумесечна суспензија поради технички проблеми.
Ова го соопшти директорот на ОМВ Алфред Штерн.
Штерн, пред економскиот комитет на австрискиот парламент, рече дека од механичкиот инцидент во јуни, кога се случи дефект во главната фабрика за дестилација, рафинеријата работи само со една петтина од нејзиниот капацитет.
Инцидентот се случил на крајот од ремонтот на рафинеријата, па таа неколку месеци не работела со полн капацитет.
Дури 80 отсто од рафинеријата не може да работи поради дефектот, им рече тој на пратениците.
Инаку, претходно беше најавено дека во средината на октомври рафинеријата повторно ќе почне да работи со полн капацитет, што треба да ја врати стабилноста на снабдувањето со гориво во Австрија.
Директорот на компанијата за складирање нафта ЕЛГ Штефан Томан рече дека веќе е договорено полнење на стратешките резерви.
На крајот на годината резервите ќе содржат доволно гориво за 80 дена.
Инаку, Австрија во моментов има резерви за 65 дена, а според Законот за нафтени резерви треба да има три месеци.
Но, за да обезбеди снабдување со гориво, државата во неколку наврати ги стави на располагање резервите на гориво.