Актуелно

„Штом Путин падне, повторно ќе има гас“, вели директор на компанија за складирање енергија

Директорот на најголемата компанија за складирање енергија во Австрија „РАГ“ Маркус Митерегер предупреди дека само половина од складираниот гас е на Австрија.

Тој, исто така, вели дека кога станува збор за количествата на гас „тешко ќе биде“ да се преброди зимата.

Тој очекува дека до крајот на месецот исполнетоста на австриските магацини ќе достигне ниво од 85 проценти.

Во изјава за весникот „Оберестерајхише нахрихтен“ тој рече дека приближно само половина од тоа и припаѓа на Австрија.

Според него, Австрија поседува 20 терават часови национални резерви и околу 25 терават часови во магацините на операторите и компаниите.

Истовремено, тој нагласува дека годишната потрошувачка на гас во Австрија е околу 90 терават часови.

„Потрошувачката зависи од енергетската ефикасност и текот на зимата. Но, засега не е јасно дали ќе има доволно гас, бидејќи не знаеме дали покрај складираниот гас постојано ќе добиваме и нов гас како во минатото.Тоа беше руски гас, кој во моментов се испорачува само за една третина од договорените количини“, објасни Митерегер.

Тој нагласи дека тоа „ќе биде строго, но применливо“ и додаде дека производството на електрична енергија е главна тема.

Од ноември вообичаено е Австрија сама да произведува една третина од електричната енергија, првенствено преку хидроцентрали, а една третина од гас, додека третата треба да се увезува.

Тој објасни дека може да се случи Австрија да мора да произведува до две третини од својата електрична енергија од гас оваа зима, бидејќи увозот не е загарантиран.

„Дали складираните количества гас се доволни за тоа, се сомневам“, рече Митерегер.

Во однос на цената на гасот, тој подвлече дека таа е многу висока во Европа бидејќи понудата е мала.

„Во САД каде што се произведува гас е многу поевтин“, посочи тој.

Како понатаму ќе се развива цената на гасот, вели тој, тешко е да се предвиди.

„Прашањето е колку долго ќе издржи Владимир Путин. Паднаа многу диктатори. Штом тој падне, повторно ќе се појави гас, освен преку Северен тек“, објасни Митерегер.

На прашањето кој би можел да стои зад саботажата на Северен тек, тој рече дека речиси секој има мотив, како во романот на Агата Кристи.

„Тоа е одлично за Американците, бидејќи тие можат да ни продаваат гас на долг рок. Полска има гасовод низ нејзината земја, а Украина живее од транзитни такси. Русија може да се повика на виша сила и инсистира на обврската да земе гас“, вели тој.

На почеток