„Зошто да го пуштиме Ѓоковиќ? Затоа што е тенисер со милиони долари?”, вели поранешен австралиски министер
Новак Ѓоковиќ продолжува да биде важна тема за австралиските политичари во врска со имиграциските прашања.
Поранешната министерка за внатрешни работи на Австралија и опозициска пратеничка Карен Ендрјус изјави дека укинувањето на визната забрана за Новак Ѓоковиќ ќе биде „шлаканица“ за Австралијците кои се вакцинирани против Ковид.
Ѓоковиќ минатата година беше депортиран од Мелбурн, иако првично му беше дозволен влез во земјата, а не го одигра првиот Грен слем годинава, Австралија опен.
На српскиот тенисер му е забранет влез во Австралија до 2025 година, но постои можност владата во Канбера да ја укине таа забрана.
Во јули, Австралија го укина правилото со кое се бара од меѓународните патници да го објават својот статус на вакцинација, а Ѓоковиќ рече дека се надева на „позитивни вести“ за неговата желба да игра на следниот Австралија опен.
Ендрјус, сепак, вели дека промената на правилото не треба да се применува во случајот на Ѓоковиќ, објави Ројтерс.
„Тогаш други луѓе би се појавиле во слични околности на кои им биле укинати визите. Значи, ако Имиграцијата сега реши да направи исклучок за Ѓоковиќ, се поставува прашањето – што ќе направат за другите кои се во слична ситуација“, рече таа за радиото АБЦ.
Ѓоковиќ не ја коментираше изјавата на Ендрјус, а австралиското Министерство за внатрешни работи повтори дека не коментира поединечни случаи.
Поранешниот министер за полиција рече дека укинувањето на забраната за Ѓоковиќ ќе биде „шлаканица за оние кои постапиле правилно и се вакцинирале“.
“Зошто да му се дозволи на Ѓоковиќ да се врати во земјата? Само затоа што е тенисер од висок ранг со милиони долари? Не треба да има едно правило за него, а друго правило за другите”, додаде Ендрјус.