Актуелно

Русија разгледува други опции за испорака на јаглен

Руските добавувачи на јаглен би можеле да ги пренасочат трговските текови на друго место откако ЕУ го суспендираше купувањето јаглен од земјата. Ова го напиша вицепремиерот Александар Новак во статија објавена во понеделникот во магазинот Energy Policy, пренесува Раша тудеј (РТ).

„Се разгледува можноста за зголемување на испораките до азиско-пацифичките земји, дел од обемот од европскиот пазар може да се испрати со железница до источните пристаништа и граничните премини“, напиша Новак и додаде: „Така, околу 25 милиони тони може да се пренасочени од запад кон исток, вклучително и преку пристаништето на басенот Азовско-Црно Море“.

Тој додаде дека руската влада, заедно со Министерството за транспорт, ќе работи на зголемување на железничкиот капацитет на Далечниот исток и достапноста на поморскиот транспорт, како и настојувањето да го забрза развојот на терминалите за јаглен во потенцијалните извозни рути. Исто така, ќе се обиде да ги намали транспортните трошоци и времето.

Според податоците на Федералната царинска служба, како што наведува Новак, Русија минатата година извезла 46,8 милиони тони термички јаглен и 3,6 милиони тони јаглен за коксирање во ЕУ, што претставува приближно 35% од вкупниот увоз на блокот. Тој истакна дека во последните десет години тој удел значително пораснал, а и покрај прогласувањето намалување на зависноста од руските енергетски извори, земјите од ЕУ всушност само ја зголемиле нивната зависност.

„Како резултат на тоа, денес потрошувачите и во ЕУ и во другите земји се принудени итно да бараат нови добавувачи на јаглен, нарушувајќи ја постојната рамнотежа и прекинувајќи ги одржливите синџири на снабдување, што доведува до дополнителни финансиски трошоци за транспорт, зголемена побарувачка, пазарен хаос и зголемување цени.“ изјави Новак во својата статија со наслов: „Јагленската индустрија на 21 век: пад или ренесанса“.

На почеток