Магазин

Познатиот водител и комичар Срѓан Динчиќ со новото стенд-ап шоу за прв пат во Скопје

На 22-ри октомври во Кино Фросина во Младинскиот Културен Центар со почеток во 20:30 часот, публиката ќе има можност за прв пат во Скопје да го гледа новото стенд-ап шоу на познатиот српски водител и комичар Срѓан Динчиќ со наслов „Во Процес“.

Балканската публика за прв пат го запознава Срѓан Динчиќ од реалното шоу „Survivor“ по кое својот талент да ја насмее публиката го користи неуморно пробивајќи се во телевизиските води и константно творејќи комични материјали. На публиката во Македонија и е познат по неговиот авторски проект, но пред се како водител на квизот „Столици“, а најверојатно нема да се зачуди никој ако чуе дека е и сценарист на познатото ток-шоу „Вечер со Иван Ивановиќ“.

Срѓан Динчиќ од 2011-та година неуморно работи и на белградската стенд-ап сцена каде има бројни успешни настапи со повеќе соло стенд-ап шоуа како: „Под невидливиот чадор“, „Лага заснована на вистински настан“, „Ѓаволот јагода“ и „Трета држава“. Со последното стенд-ап шоу доживува голем успех и настапува низ целиот Балкан и пошироко, а има отварано шоуа и за познатите комичари Еди Изард и Дилан Моран.

Пред публиката во Скопје за прв пат ќе се претстави со своето петто стенд-ап шоу наречено „Во Процес“ каде ќе не води низ неговите животни ситуации со неговиот многу специфичен поглед на светот. Работи кои на сите ни се случиле, но не ни биле толку смешни. Можеби е време да ги погледнеме сите проблеми на поинаков начин, а можеби само треба да дојдеме на стенд-ап шоу за да го видиме хуморот во тоа.

Skopje Comedy во соработка со Standup.rs ве поканува да бидете дел од ова неповторливо искуство со еден од најдобрите Балкански комичари кое не треба да го пропуштите. Билетите се достапни на bileti.mkc.mk и на билетарницата на МКЦ.

На почеток