Свет

Скокна извозот на руска нафта пред ембаргото на ЕУ

Извозот на руска нафта по морски пат се зголеми во текот на изминатиот месец, бидејќи земјите побрзаа да направат резерви пред ембаргото на ЕУ што стапува на сила во декември.

Според извештајот на њујоршката агенција „Блумберг“, кој се повикува на податоци за мониторингот на танкери со нафта, Турција, Индија и Кина го зголемиле купувањето на руски барели во текот на изминатите четири недели до 14 октомври.

Испораките во тие три земји, кои во јуни достигнаа максимум од 2,2 милиони барели дневно, во изминатите четири недели беа помали во однос на јуни за приближно 350.000 барели дневно и изнесуваа околу 1,85 милиони барели, пренесува Рашатудеј, додавајќи дека испораките за Турција, наводно, се искачиле на највисоко ниво оваа година.

Дополнително, количеството на ова гориво на цистерните чиишто крајни дестинации не се наведени, туку наместо тоа се означени нивните транзитни височини, како на пр. Порт Саид, Гибралтар, или пратките со ознака „по нарачка“, се зголемија за околу 450.000 барели дневно.

Според податоците на Блумберг, овие пратки најчесто завршуваат во Индија или Кина.

Аналитичарите велат дека штом ќе се откријат крајните дестинации на тие танкери, комбинираните испораки на нафта од Русија во тие земји веројатно ќе го надминат претходниот рекорд на годишно ниво.

Вкупниот извоз на руска сурова нафта, исто така, се зголеми во извештајниот период, надминувајќи три милиони барели дневно во просек, што е најголем обем на испораки на нафта од Русија од средината на август.

За скокот на извозот придонесоа зголемените испораки во Европа, бидејќи земјите од тој регион се чини дека сакаат да ги пополнат своите складишни капацитети пред 5 декември, кога стапува на сила ембаргото на ЕУ за увоз на руска нафта по морски пат, пишуваат американските медиуми.

Според пресметката на Блумберг, врз основа на податоците на руското Министерство за финансии, приходите на земјата од продажба на нафта по морски пат скокнале за 9,0 милиони долари на 134 милиони долари во неделата што заврши на 14 октомври. Четиринеделниот просек кој завршува на тој датум, исто така, се зголеми за 2,0 милиони долари на 145 милиони долари.

На почеток