(ВИДЕО) Драма на слетување: Авион ја промаши пистата
Корејски авион ја промаши пистата при слетување на лоши временски услови во централниот дел на Филипините, но меѓу 173-те патници никој не е повреден, соопштија властите.
Инцидентот се случил на островот Мактан во централната провинција Себу доцна во неделата.
Единаесетте членови на екипажот и 162 патници на летот KE631 на „Korean Air“ користеа лизгалки за итна помош за да избегаат од оштетениот авион, соопштија официјални лица и авиокомпанијата.
„Сите патници се безбедни и под надзор на персоналот“, соопшти филипинската управа за цивилно воздухопловство.
Авионот се заглавил во тревата на крајот од пистата на меѓународниот аеродром Мактан Себу, поради што аеродромот морал да се затвори.
„Носот на авионот е тешко оштетен. Авионот лежеше наведнат нанапред на тревната површина, предното тркало не се гледаше, а на вратите беа поставени лизгачи за итни случаи“, објави новинската агенција „Асошиејтед прес“.
Откажани се десетици летови до и од провинцијата Себу, вклучително и оние на главниот авиопревозник „Philippine Airlines“, кој првично објави повеќе од 50 откажани домашни летови.
Ербасот А330 од Инчеон, Јужна Кореја се обидел да слета двапати пред да ја промаши пистата при третиот обид, се вели во соопштението на „Korean Air Lines Co“.
„Патниците се придружувани до три локални хотели и се организира алтернативен лет“, соопшти авиокомпанијата за летот KE361. „Во моментов ја утврдуваме причината за инцидентот“, се вели во соопштението.
Претседателот на корејската авиокомпанија, Ву Ки Хонг, објави писмо со извинување во врска со летот на веб-страницата на авиокомпанијата, истакнувајќи дека ќе се спроведе темелна истрага со локалните воздухопловни власти и корејските власти за да се утврди причината.