Фон дер Лајен и Шолц се за „Маршалов план“ за обнова на Украина


Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и германскиот канцелар Олаф Шолц се за „Маршалов план“ за обнова на Украина.
Во заеднички авторски текст во весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ) посочуваат дека тоа е „задача за генерации, која мора да почне сега“.
На долг рок, ќе биде важно приватните инвеститори и компании да инвестираат во обновата на Украина, велат Фон дер Лајен и Шолц.
Според нив, ЕУ има посебна улога во тоа, бидејќи Украина е кандидат за влез во Унијата.
„Патот на реконструкција е затоа и патот на Украина кон ЕУ“, нагласија тие.
Тие укажаа дека поддршката на Украина не е само важна, туку и во сопствен интерес на Европа, бидејќи во Украина не се водат само борби за суверенитетот на таа земја.
„Украина го брани и меѓународниот поредок, основите на нашиот мирен соживот и благосостојба ширум светот“, велат Фон дер Лајен и Шолц.
Тие подвлекоа дека иднината на заедничка Европа се гради со поддршка на Украина.
За утре во Берлин е закажана конференција за обнова на Украина, на која со претставници на меѓународните организации, Украина и граѓанското општество ќе се разговара за рамковните услови за обнова на таа земја.
