Свет

Русите најавија: Задачата со мобилизација на 300.000 граѓани е завршена

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека се прекинати сите активности во рамките на делумната мобилизација на граѓаните.

Како што е наведено, на воениот персонал кој учествувал во регрутирањето на граѓаните им било наредено да се вратат на вообичаените должности, додека собирните пунктови кои биле користени при регрутирањето ќе бидат вратени на претходната намена, пренесува РИА Новости.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу минатата недела по состанокот со претседателот Владимир Путин изјави дека активностите поврзани со делумната мобилизација во Русија се завршени.

„Задачата со мобилизација на 300.000 граѓани е завршена. Продолжување на мобилизацијата не е предвидено“, рече Шојгу и нагласи дека се посветува големо внимание на подготовката на мобилизираните граѓани пред да бидат испратени во зоната за специјални операции.

Министерот за одбрана му рекол на рускиот лидер дека досега во зоната за специјални операции се испратени 82.000 мобилизирани војници, пренесе Спутник.

Тој исто така рече дека секој што ќе учествува во борбени операции во специјална воена операција во Украина ќе добие статус на ветеран.

Воедно, рускиот претседател им се заблагодари на сите кои ја организираа мобилизацијата и рече дека сега главна задача е сите мобилизирани да ја поминат потребната обука и да добијат комплетна опрема.

На почеток