Свет

Маск прави големи промени на Твитер

Со Илон Маск на чело, Твитер планира да ја зголеми цената на претплатата на Blue.

Според странските медиуми, Маск планира да ја зголеми претплатата на Twitter Blue од сегашните пет долари на 20 долари месечно, како и да ја направи претплатата задолжителна за проверените корисници.

Доколку се имплементира овој план, проверените корисници (славни личности, политичари, новинари и други) ќе треба да се пријават на услугата за претплата во рок од 90 дена или ќе ја изгубат сината ознака за проверка што покажува дека корисникот е потврден.

Исто така, вработените кои работат на проектот наводно биле известени дека ќе добијат отказ доколку не ги спроведат споменатите измени до 7 ноември.

Твитер лани во САД ја лансираше услугата за претплата Blue, со цена од три долари месечно, а претплатата во јули беше зголемена на пет долари. Претплатниците добиваат функции како врвни вести, сопствени икони и можност за уредување твитови.

Заедницата на корисници на Твитер веќе го кажа своето мислење за овој потенцијален потег на Маск и социјалната мрежа. Многу од нив не се подготвени да платат 20 долари за да го задржат својот статус.

Истовремено, корисниците истакнуваат дека новиот систем би можел да ги зголеми проблемите што ги има Twitter со ботови и спамирање, што самиот Маск прилично ги мрази.

На почеток