Зелен хуман град утре на протест, бараат итен прекин на активностите и заштита на зеленилото
Зелен хуман град ги повикува граѓаните утре на протест за заштитна на зеленилото кај ул. Васко Карангелески.
„Ги повикуваме сите засегнати граѓани сабајле на 2 ноември во 9:00 на протест против уништувањето на последното зелено шеталиште кај ул. Васко Карангелески.
Загрижени граѓани кои живеат во близина на улицата во текот на целиот денешен ден (1 ноември 2022 г.) нѐ контактираат со барања итно да се престане со сите активности кои во моментов се спроведуваат.
Со оглед дека Иницијативата ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД по сечењето на дрвјата на ул. Карангелески во април годинава (2022 г.) доби уверување од градоначалничката Арсовска дека нема да има проширување на улицата како што беше планирано во мандатот на бившиот градоначалник на Град Скопје, односно дека ќе се проширува само едната страна од улицата до училиштето каде што веќе беа и исечени здрави дрвја, до Град Скопје се обративме со
Итно барање за прекин на активностите!
Итно објавување на изведбениот проект на ул. Васко Карангелески јавно со евидентирање на сите разлики кои постојат меѓу сегашниот и проектот од времето на бившиот градоначалник на Град Скопје
Итно закажување датум за средба со локалните жители откако ќе им биде оставен простор од најмалку 15 дена за да го разгледаат јавно објавениот изведбен проект со цел да се чујат нивните потреби и да се дојде до решение со кое тие се согласуваат
Жителите минатата година јасно и гласно се изјаснија дека не сакаат проширување на улицата бидејќи живеат во мирна зона на сообраќај и не сакаат тоа да се смени токму затоа што има училиште веднаш до улицата, а во околината живеат и голем број на повозрасни лица.
На ФБ страницата на ЈП Паркови и зеленило денес беше објавено дека ќе се преместуваат 57 повеќегодишни дрвја. Според нашите информации машината за преместување дрвја може да премести дрвја со дијаметар не поголем од 40 сантиметри, што значи дека повеќедецениски дрвја е невозможно да се преместат.
Дополнително, не секое преместено дрво со сигурност ќе преживее и машината мора да се користи исклучиво онаму каде што е неопходно, а не како стратегија за смалување на револтот кај јавноста. Локалното население веќе реагира дека две од преместените дрвја од априлското преместување годинава не преживеале.
Остануваме на нашиот став дека сите, подвлекуваме – сите, проекти кои се спроведуваат во овој град е задолжително да бидат ставани на јавен увид, да бидат темелно дискутирани со оние кои се најзасегнати и заеднички да се доаѓа до најдобрите решенија.
Градот Скопје е сервис на граѓаните и сите функционери избрани или именувани да им служат на граѓаните така и мора да се однесуваат“, велат од Зелен хуман град.