Северна Кореја ги обвини САД и Јужна Кореја за агресивна провокација


Висок севернокорејски воен функционер ги обвини САД и Јужна Кореја за „агресивна провокација“ со започнување заеднички вежби на воздухопловните сили оваа недела.
Тој предупреди на последиците доколку вежбите се претворат во инвазија, објави NK News, повикувајќи се на државните севернокорејски медиуми.
Маршалот на Корејската народна армија (КПА) и член на Президиумот на Политбирото Пак Јонг-Чон рече дека „проценува дека Вашингтон го избрал кодното име на воената вежба „Будна бура“ како знак или порака до Пјонгјанг“, потсетувајќи на офанзивата против Ирак, која беше со кодно име „Операција пустинска бура“, објави Глас на Кореја.
Тој, исто така, рече дека верува оти заедничките вежби се дел од американските планови за „укинување на владата на Северна Кореја“. Во својата национална одбранбена стратегија објавена минатата недела, САД предупредија дека „употребата на нуклеарно оружје од страна на Северна Кореја ќе го заврши режимот“.
„Ако САД и Јужна Кореја се обидат да употребат оружје против нас без страв, специјалните средства на вооружените сили на КНДР веднаш ќе ја извршат својата стратешка мисија, а САД и Јужна Кореја ќе се соочат со шокантен инцидент и ќе платат најстрашна цена во историјата“, рече Пак во својата изјава, укажувајќи дека КПА ќе нападне само ако прва биде нападната Северна Кореја.
Околу девет часа по таа изјава, Северна Кореја лансираше најмалку десет балистички ракети во морето во близина на источниот брег на Јужна Кореја, во она што војската на Република Кореја го нарече „акт без преседан“ што „никогаш не може да се толерира под никакви околности“. Сеул вети „цврст одговор“ на лансирањето и возврати со три прецизни т.н. ракети земја-воздух.
