Испукани 80 проектили, Америка бара итна седница на Советот за безбедност на ОН
Северна Кореја во текот на ноќта истрела околу 80 артилериски ракети во поморската погранична зона, соопшти денеска Јужна Кореја.
Северна Кореја истрела повеќе проектили во морето во четвртокот, вклучително и можно неуспешно лансирање на интерконтинентална балистичка ракета (ICBM), што ги натера САД и Јужна Кореја да ги обноват воздушните вежби кои предизвикаа незадоволство и протест од Пјонгјанг, објави Ројтерс.
Војската на Јужна Кореја соопшти дека регистрирала повеќе од 80 артилериски гранати истрелани во морето од страна на Северна Кореја, почнувајќи непосредно пред полноќ во четвртокот и продолжиле во текот на ноќта, како што рече, прекршување на меѓукорејскиот договор од 2018 година.
Сеул испрати официјално предупредување до Пјонгјанг за овој артилериски оган, соопшти Министерството за одбрана на Јужна Кореја.
На состанокот во Вашингтон, американскиот секретар за одбрана Лојд Остин и јужнокорејскиот министер за одбрана Ли Јонг-суп ја потврдија својата посветеност да бараат нови мерки за двете земји за да ја покажат „решителноста и способноста“ на алијансата по повторените провокации на Северна Кореја, според заедничко соопштение, според Ројтерс.
Тензиите на Корејскиот полуостров се зголемуваат откако Пјонгјанг изврши рекорден број ракетни лансирања оваа година, вклучувајќи најмалку 23 проектили само во средата и интерконтинентални балистички ракети во четвртокот.
Дипломатите објавија дека Вашингтон побарал денеска на отворена седница Советот за безбедност на ОН да расправа за Северна Кореја, што го поддржале и некои други членки – Велика Британија, Франција, Албанија, Ирска и Норвешка.
Во последниве години, 15-члениот Совет за безбедност на ОН беше поделен околу Северна Кореја, а во мај Кина и Русија ставија вето на напорите на САД да воведат дополнителни санкции на ОН како одговор на новите ракетни лансирања на Пјонгјанг, според Ројтерс.