Свет

Јужнокорејскиот претседател им се извини на граѓаните за трагичната несреќа

Јужнокорејскиот претседател Џун Сук-Јол денеска им се извини на граѓаните за трагичната несреќа за време на Ноќта на вештерките во Сеул, во која загинаа 156 лица.

Јуни вети дека ќе ги повика на одговорност сите функционери кои ќе бидат прогласени за виновни, пренесува Ројтерс.

„Жал ми е и им се извинувам на ужалените семејства погодени од оваа неискажлива трагедија и на луѓето кои ја споделуваат нивната болка и тага“, рече Џун.

Тој вели дека не се осмелува да се споредува со родители кои изгубиле синови и ќерки, но дека „како претседател кој е должен да ги штити животите и безбедноста на луѓето, неговото срце е скршено“.

Полицијата се соочи со остри критики од јавноста за непрофесионалниот одговор пред и за време на трагедијата, бидејќи испрати само 137 полицајци во спорното подрачје, иако претходно се проценуваше дека ќе се соберат околу 100.000 луѓе.

Трагедијата се случила вечерта на 30 октомври за време на прославата на празникот Ноќта на вештерките, кога во еден момент неколку стотици луѓе се нашле на удолницата, во тесна уличка широка само четири метри, од каде не можеле да се скријат ниту да излезат, па почнаа да паѓаат еден преку друг, пренесе агенцијата Џонап.

Стампедото започнало кога луѓето почнале да се превртуваат како „домино“ и да се натрупуваат еден врз друг во метежот поради гужвата, поради што многумина не можеле да добијат воздух или биле прегазени, велат очевидци.

Ова е најголемата трагедија во Јужна Кореја од 2014 година, кога потона траект и се удавија 304 лица, од кои повеќето беа средношколци.

Фото: Tanjug/AP Photo/Ahn Young-joon

На почеток