Шефот на НАТО „бара“ оружје: Потребата е итна
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска ја повика Јужна Кореја да ја зголеми поддршката за Украина.
Тој укажа на другите земји кои ја сменија својата политика да не испраќаат оружје во земјите во конфликт.
Јужна Кореја потпиша големи договори за снабдување со тенкови, авиони и друго оружје за Полска од почетокот на војната во Украина, но јужнокорејскиот претседател Џун Сук-Јол рече дека законот на неговата земја забранува снабдување со оружје на конфликтната земја и го спречува оружјето да биде испратено во Украина.
Столтенберг е во посета на Сеул, на турнеја во која ќе биде вклучена и Јапонија и има за цел да ги зајакне врските со сојузниците од НАТО кои се соочуваат со војната во Украина.
Говорејќи во Институтот за напредни студии Чаи во Сеул, Столтенберг и се заблагодари на Јужна Кореја за хуманитарната помош за Украина, но повика да се направи повеќе, додавајќи дека има „итна потреба“ за муниција.
На средбите со високи јужнокорејски претставници, Столтенберг оцени дека настаните во Европа и Северна Америка се меѓусебно поврзани со други региони и дека НАТО сака да помогне во смирувањето на глобалните закани и да го прошири своето влијание во Азија.
Столтенберг рече дека земји како Германија, Шведска и Норвешка имале слична политика, но ја смениле.
Шефот на НАТО рече дека е „исклучително важно“ Русија да не победи во оваа војна, не само поради Украина, туку и да испрати порака до авторитарните лидери дека не можат со сила да го добијат тоа што го сакаат.
Во денешното соопштение пренесено од државните медиуми, Северна Кореја ја нарече посетата на Столтенберг „увертира за конфронтација и војна, бидејќи носи темни облаци на нова студена војна“ во азиско-пацифичкиот регион.
Јужна Кореја минатата година ја отвори својата прва дипломатска мисија во НАТО, ветувајќи дека ќе ја продлабочи соработката во борбата против тероризмот и другите области на безбедноста.
Посетата на лидерот на НАТО, исто така, доаѓа во време кога американскиот секретар за одбрана Лојд Остин требаше да пристигне во Сеул на разговори со неговиот јужнокорејски колега Ли Џонг-суп.