Свет

Шефот на британската армија: Започнува третата нуклеарна ера

Началникот на британската војска, адмирал сер Тони Радакин, предупреди дека светот е на работ на „трета нуклеарна ера“. Неговата изјава доаѓа во време кога НАТО со голема загриженост ги следи руските закани со нуклеарно оружје, како и нуклеарните програми на Северна Кореја и Иран.

Говорејќи на собирот на Кралскиот институт за одбранбени студии (РУСИ), Радакин истакна дека глобалната рамнотежа на силите драматично се менува.

„Почетокот на третата нуклеарна ера е пред нас“, рече тој, додавајќи дека ситуацијата сега е посложена од кога било досега.

Од почетокот на руската инвазија на Украина пред речиси три години, односите меѓу Москва и НАТО се на најниско ниво од крајот на Студената војна. За време на војната, обележана со брутални конфликти во источна Украина, Кремљ често прибегнуваше кон нуклеарни закани.

Рускиот претседател Владимир Путин ги стави нуклеарните сили во состојба на готовност уште по инвазијата во 2022 година, а министерот за надворешни работи Сергеј Лавров неколку месеци подоцна предупреди дека ризикот од нуклеарен конфликт е „значаен“. Оваа година Путин изјави дека Русија е воено подготвена за нуклеарна војна.

„Видовме бројни закани со тактичко нуклеарно оружје, големи воени вежби и симулирани напади врз земјите на НАТО – сите со цел да се заплашат и одвратат активностите потребни за зачувување на стабилноста“, рече Радакин.

Кон крајот на октомври, Русија спроведе големи воени вежби кои вклучуваа симулација на нуклеарен контранапад.

Радакин потсети дека „првата нуклеарна ера“ беше обележана со трка во вооружување за време на Студената војна, кога САД и Советскиот Сојуз акумулираа огромни залихи на нуклеарно оружје. По Студената војна, „втората нуклеарна ера“ се фокусираше на разоружување и неширење.

Меѓутоа, сега, тврди Радакин, се соочуваме со „третата нуклеарна ера“, која е далеку посложена.

„Овој пат е обележан со ширење на нуклеарни технологии, бројни истовремени закани и речиси целосно отсуство на безбедносни механизми кои постоеја во минатото“, истакна адмиралот.

НАТО, кој ги вклучува нуклеарните сили САД, Обединетото Кралство и Франција, и земјите кои се домаќини на американско нуклеарно оружје, продолжува да ги зајакнува своите одбранбени способности. Русија, со најголемиот нуклеарен арсенал во светот, заедно со САД поседува околу 90% од светското нуклеарно оружје.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека Алијансата сериозно ги сфаќа нуклеарните закани од Москва, но не сака да „падне на штракање со руско оружје“. „Нашата стратегија за одвраќање е силна и подготвени сме да се браниме од секаква закана“, рече Руте на конференцијата во Брисел.

На почеток