Шведска е јасна: Нема да распоредиме нуклеарно оружје на наша територија по влезот во НАТО

По влезот во НАТО, Шведска нема да распоредува нуклеарно оружје на своја територија, изјави министерот за надворешни работи на земјата, Тобијас Билстром.
Според неговите зборови, официјален Стокхолм ќе го следи примерот на соседните земји, Данска и Норвешка, на чија територија не постои таков вид на оружје.
„Тоа е како долгорочниот став на Партијата на умерените… Никогаш немавме намера да ги промениме условите за апликацијата за членство во НАТО поднесена од претходната влада“, рече Билстром, пренесе Ројтерс.
По почетокот на специјалната операција на руската армија во Украина, Шведска и Финска поднесоа барање за прием во НАТО, а досега ова барање го поддржаа 28 од вкупно 30 членки на Алијансата (освен Турција и Унгарија ).
Да потсетиме, во Москва во неколку наврати потенцираа дека НАТО е посветен на конфронтација. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во неколку наврати изјави дека натамошното проширување на НАТО нема да придонесе за безбедноста на Европа, како и дека приемот на Финска и Шведска нема да претставува егзистенцијална закана за Русија.
