„Москва мора да престане да ја игра „играта со глад“ со светот“, вели Кулеба
Украинскиот министер Дмитро Кулеба денеска ја обвини Москва дека игра „игра со глад“ со светот со задржување на пратки со украинско жито од пристаништата на Црното Море.
На маргините на самитот на АСЕАН во Камбоџа, Кулеба потсети дека договорот за извоз на украински житарки и вештачки ѓубрива истекува на 19 ноември и дека светот треба да ја притисне Русија да не се противи на продолжувањето на договорот, додавајќи дека украинските производи се клуч за Африка и Азија, јави АП.
Кулеба ги обвини и руските инспектори за „тивка саботажа“ тврдејќи дека намерно доцнат за да пропуштат некои пратки.
„Русија не само што мора да остане дел од иницијативата за извоз на храна, туку и да им наложи на своите инспектори да работат со добра волја и да не создаваат пречки во извозот на украинската земјоделска стока на светскиот пазар. Москва мора да престане да ја игра „играта со глад“ со светот“, рече Кулеба.
Договорот со кој се дозволува извоз на храна и ѓубрива од неколку украински пристаништа на Црното Море, беше постигнат со посредство на ОН и Турција на 22 јули, а истекува на 19 ноември.
Обединетите нации соопштија дека според овој договор, досега од Украина се извезени повеќе од 10 милиони тони жито и друга храна.