На Ковачевски му се здосади од тостови, се префрли на друга храна
Премиерот Димитар Ковачевски денеска претпладне ќе се обрати на настанот „Вкуси ја традицијата – Прв национален саем за храна и пијалоци“, заедно со министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, на парцелата пред градскиот стадион во Скопје.
Покана до граѓаните упати министерот Николовски.
„Ве поканувам сите со вашите роднини, другари, дечиња да дојдете од часот во Градскиот парк во Скопје на Првиот национален саем на храна и пијалоци каде 200 македонски производители и 40 локални здруженија ќе го презентираат македонското земјоделство и гастрономија.
Никогаш да не заборавиме како нашите сограѓани земјоделци, пазарџии, продавачи, работници во компании и други, на секакви временски влијанија макотрпно работат за да ни обезбедат храна, нешто што за жал се повеќе станува луксуз насекаде во светот“, објави Николовски.
Настанот е во организација на Министерство за земјоделство и Слоу Фуд Македонија. Ова е прв саем со ваков обем, на кој ќе се претстават повеќе од 200 производители од над 40 локални здруженија, кои заеднички ќе ги презентираат македонското земјоделство и гастрономија.
Инаку Ковачевски во изминатиот период често се фотографираше како порачува сува храна – еднаш во мензата на РЕК Битола и на два пати за време на партиските трибини во Прилеп и Битола, додека во една фабрика дегустираше чипс.