Ахмети бара ветинг, откако САД го искритикуваа изборот на Абази кој се сликал со ДУИ
Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети смета дека реакцијата на американската амбасадорка Анџела Агелер околу изборот на шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази е принципиелна и дека за ова прашање ДУИ веќе со години бара сеопфатен ветинг, почнувајќи од локалната до централната власт.
„Изјавата на американската амбасадорка е принципиелна. Борбата против криминалот и корупцијата мора да биде бескомпромисна. Изборот на законодавните тела треба да бидат независни органи и сето ова време промовиравме дека извршната власт треба да биде независна и ние веќе неколку години инсистираме да се направи ветинг, во сите државни институции“, рече лидерот на ДУИ Али Ахмети по вчерашната 11-часовна средба во партиското седиште во Мала Речица.
Според Ахмети без соодветен ветинг не можеме да бидеме успешни во борбата против криминалот и корупцијата и владеењето на правото.
„Ние сме за владеење на правото, ние сме за ветинг. Партнерство со нас ќе има секој кој е посветен, одлучен за вистински ветинг и за функционирање и владеење на правото. Тоа значи дека ги забрзуваме чекорите кон членство во Европската Унија, со тоа што ќе бидеме успешни во борбата против криминалот и корупцијата, но овој успех доаѓа и од вистинска проверка на сите политички и законодавни фигури, од локалната до централната власт“, додаде тој.