Актуелно

Спасувачите во Индонезија се уште трагаат по исчезнатите по земјотресот

Индонезиските власти сè уште се мачеа да достават помош до илјадниците евакуирани лица кои беа принудени да ги напуштат своите домови по силниот земјотрес.

Земјотресот се случи во Западна Јава, при што загинаа најмалку 271 лице, а 40 се уште се водат како исчезнати.

Дождот, одроните и тешкиот планински терен ја попречуваат работата на спасувачките тимови, објави Ројтерс.

Земјотрес со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала го погоди во понеделникот градот Сианџур, на околу 75 километри јужно од главниот град Џакарта.

„Условите се тешки. Врне дожд, има придружни земјотреси, нестабилно е, затоа е неопходна претпазливост. Евакуацијата останува приоритет и сакам да ги уверам сите дека испораката на помош се одвива добро“, изјави индонезискиот претседател Џоко Видодо. .

Спасувачите користат багери и друга тешка механизација за расчистување на калта и урнатата земја во потрага по жртви.

Спасувачките напори се насочени кон селото Циџедил, бидејќи се претпоставува дека таму под свлечиштето се затрупани околу 30 луѓе, изјави Џосуа Бањарнахор пред Националната агенција за пребарување и спасување.

На почеток