Некатегоризирани

Алжирски суд осуди 49 лица на смрт за убиство на сликар

Алжирски суд осуди 49 лица на смрт за линч на сликарот Џамел Бен Исмаил.

Тие го обвинија за подметнување на пожарот, иако, според тврдењата на адвокатот, дошол да помогне во гаснењето.

Покрај тоа, 38 лица се осудени на затворски казни од две до 12 години, изјави адвокатот Хаким Сахеб, член на колективот на доброволни адвокати кои учествуваа во судењето, пренесува АП. Во групно судење, повеќе од 100 осомничени беа гонети за убиството на сликарот, од кои повеќето беа прогласени за виновни за одредена улога во неговата смрт.

Изречените смртни казни најверојатно ќе бидат заменети со доживотни казни бидејќи во Алжир со години има мораториум на извршување на смртните казни.

Во пожарите што избувнаа минатата година во Алжир загинаа најмалку 69 лица во планински регион населен со Бербери, по што група луѓе го обвинија Исмаил дека е одговорен за пожарите и го линчуваа.

Откако на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа убиство на лице кое било линчувано и запалено, локалниот обвинител наредил итна истрага за случајот со цел да се идентификуваат напаѓачите и да се изведат пред лицето на правдата, пренесува Ројтерс.

Во соопштението потоа беше наведено дека група луѓе ја нападнале полициската станица во која се наоѓала жртвата и успеале да го извлечат надвор, каде што го претепале и на крајот го запалиле, што довело до смрт.

Амнести интернешенел потоа ги повика алжирските власти веднаш да го истражат ова убиство и со тоа да испратат јасна порака дека ова насилство нема да остане неказнето.

На почеток