Свет

(ВИДЕО) Тинејџер упаднал во две училишта во Бразил и убил четири лица

Во пукање во две училишта во Бразил при напад на 16-годишен тинејџер, кој носел нацистички симболи, животот го загубија вкупно четири лица, три на местото на нападот, а подоцна починала и наставничката која била повредена, соопштија надлежните.

Властите во градот Аракруз, во државата Еспирито Санто, соопштија дека од десетината ранети, тројца наставници и еден ученик се во тешка состојба, по нападот кој ја шокираше земјата која бележи пораст на престрелки во училиштата во последните години.

„За жал, трагедијата на Аракруз сè уште не е завршена“, рече гувернерот Ренато Казагранде.

„Со длабоко жалење ја потврдуваме смртта на уште една жртва, професорката Флавија Амбос Меркон“, напиша на Твитер гувернерот, кој прогласи тридневна жалост во Еспирито Санто.

Напаѓачот е поранешен ученик на државно училиште кое прво нападнал пукајќи во група наставници, при што убил две лица, а ранил други девет. Потоа отишол во блиското приватно училиште, каде убил адолесцентка и ранил уште неколку луѓе.

Тој е уапсен и ќе се соочи со обвиненија за убиство и тешко убиство во обид, соопшти полицијата на Еспирито Санто.

„Ја изгубив ќерка ми поради омраза”, изјави за Глобоњуз, Таис Сагрило, мајка на убиено 12-годишно девојче.

Според Истражувачкиот институт Соу да Паз, нападот е дванаесетто пукање во училиште во Бразил од 2002 година.

Официјални лица рекоа дека напаѓачот, син на полицаец, употребил два пиштоли во нападот, и двата регистрирани на неговиот татко. Едното му било службено, а другото приватно регистрирано оружје.

Казагранде рече дека се чини дека момчето внимателно го планирало нападот.

На снимката од безбедносните камери емитувани од бразилските медиуми се гледа како напаѓачот трча во училиштето облечен во воена униформа и мафта со пиштол.

Инспекторите рекоа дека тој имал кукаст крст на униформата и истражуваат дали е поврзан со некоја екстремистичка организација.

На почеток