Актуелно

Германскиот Бундестаг го прогласи Холодомор за „геноцид“

Германскиот Бундестаг го прогласи Холодомор, односно гладувањето на Украинците во текот на зимата 1932-1933 година за „геноцид“.

Зборуваме за периодот кога Украина беше под СССР на чело со Јосиф Сталин, кога загинаа неколку милиони луѓе.

„Од денешна гледна точка, историски и политички, геноцидот е очигледен“, се вели во соопштението на Бундестагот.

Министерката за надворешни работи, Аналена Бербок, на Твитер им се заблагодари на сите кои придонеле за прашањето за Холодомор да се расправа во Бундестагот.

„Милиони Украинци загинаа во Холодомор поради систематско гладување. Ви благодариме (министерот за надворешни работи на Украина) Дмитро Кулеба за неговиот придонес да се нарече ова злосторство со сегашното име – геноцид“, напиша Бербок на Твитер.

Минатата недела парламентите на Романија, Ирска и Молдавија го прогласија Холодомор за геноцид врз Украинците.

Украина секоја година го одбележува сеќавањето на жртвите на Холодомор во четвртата сабота во ноември, а оваа година тој датум беше 26 ноември.

Украинскиот весник „Киев независно“ наведува дека Украина се обидела Холодомор да биде меѓународно признаен како чин на геноцид и дека досега повеќе од 20 земји го прогласиле Холодомор за геноцид.

На почеток