(ВИДЕО) Еруптираше вулкан на Андите, издадено итно предупредување


Чилеанските власти издадоа безбедносно предупредување откако вулканот Ласкар, лоциран на Андите, еруптираше, предизвикувајќи помали земјотреси, јавува Би-Би-Си.
Во моментов нема извештаи за штети во областа, но првичното зелено предупредување, премина во жолто.
Националната служба за геологија и рударство на Чиле (Сернагеомин) дефинира жолто предупредување како знак дека вулканот е нестабилен. Експертите го следат местото за помали експлозии и појава на чад, соопшти Националната служба. Жителите на Талабра, мал град на околу 12 километри од вулканот, за прв пат ја забележале активноста вчера околу пладне по локално време.
И покрај огромниот облак чад што го испушта Ласкар, кој се состои од вулканска пепел и врели гасови, се верува дека ниту една куќа не е оштетена. Властите забранија влез во радиус од 5 километри од кратерот на вулканот.
Ласкар е 70 километри од Сан Педро де Атакама, популарна туристичка дестинација за пешачење и пустината Атакама, најсувото место во светот.
