Пендаровски е шокиран што Мијалков е ослободен
„Шокиран сум од одлуката на апелацискиот суд за случајот „Таргет-Тврдина““, реагира претседателот Стево Пендаровски.
Тој додава: „Одлуката е пораз за правната држава и доказ за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи.
Ваквите одлуки само ја поткопуваат вербата на граѓаните дека се можни вистински реформи во владеењето на правото и борбата против корупцијата“.
Со потпишувањето на одлуката за укинување на пресудата за масовното прислушкување, апелациските судии потпишаа и застарување на делата за ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, ексначалникот на Петтата управа на МВР Горан Грујевски и за Никола Бошкоски. На сите обвинети делата им застаруваат во 2025 година, односно за нешто повеќе од две години.
Судиите Нича, Беџети, Ристов, Милева и Чачева кои ја донеле одлуката да ја укинат пресудата, можеле да ја избегнат опасноста од застарување на делата. Во случај да констатирале било каква повреда на одредбите од законот, од најбанална до најсуштествена, можеле да ја преотворат постапката со повторен главен претрес и да кажат дали обвинетите се или не се виновни. А потоа, ќе се произнесеше Врховен суд.
Застарувањето на делата за Мијалков и останатите обвинети за прислушкувањето, значи дека државата ќе треба да плаќа оштета на сите незаконски прислушкувани. Ова е трето по ред прислушкување, кое е на пат да остане неказнето.