Актуелно

Таравари бара да се запрe именувањето на Димовски за амбасадор: Франција да го одбие ако се предложи

Оваа прес-конференција ја свикавме за да протестираме против евентуалното испраќање на Виктор Димовски како амбасадор во Франција, вели Арбен Таравари в.д. претседател на Алијаса за Албанците

„Според информациите со кои располагаме, Димовски претходно го добил агреманот од француските власти но, неговото испраќање во Париз се одолжи поради внатрешните калкулации во владината коалиција за неговото заменување на чело на Агенцијата за национална безбедност.

Секако, процедурата за неговото именување доби друга димензија после скандалот со Онишченко, каде што во центарот на настанот се наоѓа Димовски. Како што веќе сме истакнале и порано, скандалот Онишченко директно ја стави во опасност националната безбедност и го уништи режимот на санкции на САД и надворешната политика на ЕУ.

Оценувам дека Виктор Димовски е неподобен и недостоен кандидат за да врши дипломатски функции и да ја претставува земјата, и тоа, поради многу причини.

1. Минатото на Димовски предизвикува загриженост кога станува збор за неговите блиски односи со Србија, истакнати од нашите американски партнери, а сега веќе познати и на јавноста.

2. Како директор на Агенцијата за национална безбедност, Димовски е препознатлив по издавањето на безбедносни сертификати на корумпирани лица и што се под истрага. Димовски ги пркрши основните права на повеќе од 20 000 граѓани на оваа земја, на коишто од страна на Агенцијата за национална безбедност арбитрарно им е ускратено правото за државјанство на Северна Македонија. Сосема иронично, со оглед на скандалот со Онишченко, на нашите граѓани често им беше одбиено државјанството под тоталитарно оправдување дека претставуваат опасност за државата. Потсетуваме дека оваа бројка од повеќе од 20.000 блокирани апликации од Димовски ја даде јавно премиерот Ковачевски.

3. Не постои ниту една дилема за одговорноста на Димовски за скандалот Онишченко, како директор на Агенцијата за национална безбедност. Димовски го имаше овластувањето за давање конечно позитивно мислење за рускиот олигарх и мора да даде отчет за тоа во тековните истраги и кои мора да одат до крај. Од самиот факт дека, после притисокот од меѓународните партнери власта му го одзеде државјанството на Онишченко, се призна дека имало прекршоци и последователно мора да има и одговорност.

Затоа, имам три барања упатени до институциите во земјата и нашите француски пријатели:

Прво, барам од Министерството за внатрешни работи веднаш да го објави извештајот од истрагата за одговорноста на Агенцијата за национална безбедност во скандалот Онишченко. Општиот интерес налага граѓаните и обвинителството да ја знаат вистината за овој коруптивен случај за кој повеќе не смее да се расправа само на затворени седници зад очите на јавноста.

Второ, барам од Претседателот Пендаровски да го отфрли указот на Димовски од причините кои штотуку ги наведов. Од претседателот на државата се очекува да го заштити државниот интерес и односите со сојузниците, а не да го спушти нивото на преговори меѓу политичките партии за компромитиран и недостоен поединец за амбасадорската функција.

И трето, доколку сепак Димовски биде именуван, ги охрабруваме нашите француски пријатели да не го прифатат како амбасадор во Париз. Како убеден Европеец, како љубител на Франција и нејзините илуминистички и хуманистички вредности, верувам дека присуството на Димовски во дипломатскиот кор акредитиран во Париз би било навреда за Франција. Поединецот за кој станува збор е токму спротивното од она што го претставува Франција. Уште повеќе, сакам да верувам дека Франција нема да дозволи да биде користена како штит со доделување дипломатски имунитет на поединец вмешан во ваков скандал од меѓународни размери, без да ја докаже својата невиност.

САД го одбија Фрчковски, ЕУ ја одби Арифи, посакувам и се надевам дека Франција ќе го одбие Димовски, за да еднаш за сегогаш престане подбивањето со нашите главни партнери, без кои немаше да бидеме ниту во НАТО ниту во очекување на отварањето на пристапните преговори за ЕУ“, додава тој.

На почеток