Десетици мртви во силната зимска бура што ги погоди САД и Канада
Најмалку 38 лица загинаа во силната зимска бура што ги погоди САД и Канада.
Официјални лица објавија дека 34 лица загинале ширум САД, а најтешко е погоден градот Бафало во државата Њујорк, каде што животот го загубиле 12 лица, јави денеска Би-би-си.
Четири лица загинаа во Канада кога автобус се преврте на заледен пат во близина на градот Мерит, во западната провинција Британска Колумбија.
Невидена зимска бура ја погоди Северна Америка од Канада на север до Рио Гранде на југ.
Метеоролозите најавија дека невремето ќе стивне во следните неколку дена, но останува советот да се избегнува патување доколку не е апсолутно неопходно.
Помалку од 200.000 домаќинства останаа без струја во неделата попладне, што е значително пониско од 1,7 милиони што беа без струја во саботата, објави АП.
Илјадници летови беа откажани, спречувајќи многу луѓе да стигнат до своите семејства за Божиќ.
Најмногу жртви на снежното невреме има во Бафало – 12, а загинати има и во Вермонт, Охајо, Мисури, Висконсин, Канзас и Колорадо.
Температурите во Јужна Флорида паднаа толку ниско што игуаните замрзнаа и паднаа од дрвјата.
Западната американска држава Монтана беше најтешко погодена од студот со температури кои паднаа до -45 степени Целзиусови.
Во Канада, невремето најмногу ги погоди провинциите Онтарио и Квебек.
Во Квебек речиси 120.000 домаќинства останаа без струја во неделата.