Свет

Шведска го презеде претседавањето со Европската Унија

Шведска од денеска го презема претседавањето со Советот на ЕУ од Чешка.

Ова и дава на нордиската земја клучна лидерска и посредничка улога во Брисел во следните шест месеци. „Шведска го презема претседавањето во време кога Унијата се соочува со историски предизвици“, рече премиерот Улф Кристерсон во средината на декември. Во изјавата на својата веб-страница тој ги посочи војната во Украина, битката со климатските промени и европската конкурентност како клучни прашања кои мора да се решат.

Приоритетите на кои Стокхолм ќе се фокусира се „позелена, побезбедна и послободна Европа“.

Кристершон и неговиот кабинет сè уште се релативно непознати лица на европската сцена. Конзервативната влада е на власт само два и пол месеци. Тој го замени кабинетот на социјалдемократката Магдалена Андерсон. Кристерсон е првиот шеф на шведската влада кој тесно соработува со десничарската популистичка партија Шведски демократи.

Популистите не се во владата, но како втора по големина парламентарна група со повеќе места од Умерената коалициска партија на Кристершон, тие имаат големо влијание во Стокхолм. И покрај евроскептицизмот на оваа партија која го поддржува кабинетот, шведската министерка за ЕУ, Јесика Росвал, уверува дека работите на Европската унија ќе бидат меѓу главните приоритети на нејзината влада.

Дваесет и седумте земји-членки го преземаат претседавањето со Советот на ЕУ на ротирачка основа за шест месеци.

На почеток