Актуелно

Зеленски им го укина украинското државјанство на четворица политичари

Украинскиот претседател Володимир Зеленски им го укина украинското државјанство на четворица политичари.

Меѓу нив е и Виктор Медведчук, кој минатата година беше префрлен во Русија како дел од договорот за размена на затвореници.

„Одлучив да им го одземам државјанството на четири лица: Андриј Леонидович Деркач, Тарас Романович Козак, Ренат Равелиович Кузмин и Виктор Володимирович Медведчук“, рече Зеленски синоќа на редовното обраќање пред граѓаните.

„Ако народните претставници одлучат да не му служат на народот на Украина, туку на убијците кои дојдоа во Украина, нашите постапки ќе бидат соодветни“, додаде тој.

Медведчук, опишан од Ројтерс како близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, ја водеше забранетата проруска опозициска партија Платформа за живот во Украина и се соочи со обвиненија за предавство пред да биде префрлен во Москва во септември 2022 година.

Козак и Кузмин беа избрани во украинскиот парламент за членови на партијата на Медведчук.

САД воведоа санкции против Козак, сопственик на три телевизиски канали, во јануари 2022 година за наводно ширење руска дезинформација, откако Киев побара негово апсење под обвинение за предавство.

Украина исто така го обвини Кузмин за велепредавство. Деркач, украински дипломат, кој исто така е под санкции од Вашингтон, беше обвинет во САД во декември за перење пари и кршење на санкциите.

Тој беше обвинет дека и помогнал на Русија наводно да се меша во претседателските избори во САД во 2020 година.

На почеток