Цементарницата „Усје“ демантира: Вакви мерења воопшто не се направени


Цементарницата „Усје“ ги демантира тврдењата на градоначалничката Данела Арсовска дека го загадува воздухот во Скопје.
Од таму велат дека на прес-конференцијата на Арсовска биле изнесени и податоци за мерења на 26 и 27 декември 2022 година.
„Вакви мерења во овие денови во кругот на фабриката воопшто не се направени, па оттука резултатите од нив не може да се поврзат со ‘Усје’“ .
Од фабриката појаснуваат дека вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3 и 4 јануари 2023 година, во присуство и на инспектори од Град Скопје, потврдило дека емисиите од производниот процес во Цементарницата „Усје“ се пониски од дозволените гранични вредности.
„Производниот процес во Цементарница ‘Усје’ се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди. Резултатите од мерењата на сите емисиони точки во процесот потврдуваат дека нема надминување, а концентрацијата на ПМ 10-честичките во амбиенталниот воздух измерена во Цементарницата ‘Усје’ е дури и помала од други мерни места во градот.
Поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите се употребува мазут, што е дозволен енергент во согласност со А-интегрираната еколошка дозвола. При оваа вонредна контрола кај парниот котел, кој не е дел од производниот процес и е исклучиво наменет за загревање на просториите, беше регистрирано отстапување кај еден параметар од мерењата. Компанијата веднаш ќе ги имплементира препораките на Инспекторатот и ќе направи замена на енергентот со природен гас. Во „Усје“ редовно се вршат независни мерења од страна на акредитирани лаборатории. Резултатите од досега извршените редовни мерења покажаа дека сите емисии, вклучувајќи ги и емисиите во котларницата, се под законски дозволените граници. Последното вакво редовно независно мерење е направено на 28.10.2022 година“, се вели во реакцијата од компанијата.
Претходно, Арсовска најави кривична пријава против фабриката бидејќи инспекторите од Град Скопје и од Министерството за животна средина утврдиле дека испушта штетни честички и гасови трипати над дозволените граници.
