Мерков циркус: „Анимал војсис“ тврди дека Мерко лично им кажал дека ќе излезе на улица и ќе убива кучиња – струшкиот градоначалник им врати: Што ќе ми се кучиња, кога имам шест внучиња?
Активисти за заштита на животните, утре во 16 часот, пред Владаттаа, ќе организираат протест „за да се сопре убивањето и мачењето на кучиња“. Ваквиот повик доаѓа откако маж од струшко со пушка усмрти десетина улични кучиња во Струга.
„Ги повикуваме сите граѓани да излеземе во петок како револт за немилите настани каде беа пукани и убиени кучиња во Струга. Ве повикуваме сите да покажеме дека вака веќе не може и дека нема да молчиме на злосторствата кои се случуваат пред наши очи! Дојдете во петок со транспаренти, со свирчиња, со црвена боја во било која форма како симбол за сите невини убиени животни бидејќи ние сме гласот на сите безгласни невини души. Нема да прифатиме ова да биде новата нормланост. При здрав разум се правиме глупави, а психопатите ги ‘превземаат работите во свои раце’. Не решаваат ништо освен да ја задоволат нивната потреба за изживување врз животни! Доста беше!“, се вели во повикот објавен на социјалната мрежа Фејсбук.
Во меѓувреме, од здружението „Анимал војсис“ ја информираа јавноста дека имале средба со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, на која присуствувале и директорот на ЈКП „Комунално” Струга и инспектор за животна средина. На средбата, според „Анимал војсис“, Мерко рекол дека „лично ќе излезе на улица и ќе ги убива кучињата“, односно дека „до сега ќе ги иструел ама не можел да најде отров“.
„На средбата ги истакнавме нашите предлози, како да се реши проблемот, се потрудивме да најдиме заедничко решение со кое би им помогнале на животните и граѓаните на Општина Струга, но бевме буквлано избркани! Градоначалникот директно и отворено ни кажа дека тој лично ќе излези на улица и ќе ги убива кучињата по кратка дискусија на тема решавање на проблемот, дека тој до сега ќе ги иструел ама неможел да најди отров по што веднаш поднесовме пријава до СВР Струга‼️ Од тука може да видиме какви луѓе ја водат општината, какви луѓе се на власт и зошто нема напредок во општините“, напишаа од „Анимал војсис“ на Фејсбук.
Ваквите информации ги демантираше Мерко.
„Јас дома не чувам кучиња. Што ќе ми се кучиња, кога имам шест внучиња? Тие кои решиле да ги чуваат, треба тоа да го прават одговорно, а пак државата да поработи на измена на законите од оваа област. Вака, како што досега функционираат работите на темата со улични кучиња, гледаме дека се вртиме во круг, а проблемите се повторуваат“, изјави струшкиот градоначалник за „Фокус“ нагласувајќи дека лично го осудува настанот со пукањето во Струга.