Македонија

(ВИДЕО) Збогум на Тиквешко Езеро? Надлежните гледаат вода

Состојбата со Тиквешкото Езеро е алармантна. На социјалните мрежи деновиве беше објавено видео на на кое се гледа огромна зелена и сува површина, а која некогаш била полна со вода и се нарекувала Тиквешко Езеро.

-Ова е вистината за Тиквешко Езеро. Ние сме внатре, но нема вода, вели човекот кој снима.

Со оглед на моменталната кота на водата која е во рамките на пропишаното со Водостопанската дозвола, биодиверзитетот во акумулацијата не е нарушен.

Вака одговорија од АД Електрани на Северна Македонија, откако во јавноста излегоа реакции на луѓе, коишто изразија незадоволство од нивото на водата во Тиквешко Езеро, како втора вештачка акумулација во државата.

– Акумулацијата Тиквеш моментално се наоѓа на кота 236 мнв. Минималната дозволена кота е 233 мнв. Во тековната есенска и зимска сезона е забележана лоша хидрологија и изостанувањето на врнежите кои се вообичаени за овој период на годината, односно отсуство на дожд и снег. Врнежи и дотеци се очекува да настапат во следниот период и со тоа се очекува кревање на нивото на водата во сите акумулации, се вели во писмениот одговор до МИА.

Притоа се појаснува дека акумулацијата Тиквеш во последниот период се користи за производство на електрична енергија само два часа дневно, за потребите на балансирање на ноќните часови на потрошувачка.

– Акумулацијата Тиквеш е изградена со првостепена намена за наводнување на Тиквешкото поле и второстепена намена за производство на електрична енергија.
Вегетативниот период предвиден за наводнување заврши во октомври. Со оглед на моменталната кота на водата која е во рамките на пропишаното со Водостопанската дозвола, биодиверзитетот во акумулацијата не е нарушен, се нагласува во писмениот одговор на новинарско прашање.

На почеток