Холандија: Уапсен Сириец, поранешен службеник на ИД


Холандското обвинителство соопшти дека е уапсен сириски бегалец обвинет за наводни воени злосторства како функционер за безбедност на Исламската држава.
Обвинителството вели дека Сириецот побарал азил во Холандија во 2019 година, а специјалниот тим за воени злосторства на холандската полиција добил информации дека осомничениот, чиј идентитет не е откриен, имал водечка улога во службата за безбедност на ИД од 2015 година до 2018 година, и дека претходно ја имал истата улога во Фронтот Нусри, поранешното крило на Ал Каеда во Сирија.
Според холандските власти, уапсениот Сириец бил ангажиран и во околината на Јармук, јужно предградие на Дамаск, каде се наоѓа голем палестински бегалски камп. Осомничениот во петок ќе се појави пред судија во Хаг.
Според холандскиот закон, геноцидот, воените злосторства и злосторствата против човештвото извршени на странска почва може да се гонат според меѓународното право доколку осомничениот престојува во Холандија.
