Актуелно

Навални вети дека ќе го продолжи отпорот кон Кремљ: „Нема да им ја предадам мојата земја“

Критичарот на Кремљ и лидер на руската опозиција во затвор Алексеј Навални денеска ја искористи приликата да вети на втората годишнина од неговото затворање дека ќе продолжи да се спротивставува на рускиот врв.

Ветувањето на Навални доаѓа додека неговото семејство и сојузниците започнаа кампања за негово ослободување од затвор, пренесува Ројтерс.

Навални (46) беше уапсен и приведен пред точно две години, по враќањето од Германија каде се лекуваше од труење со смртоносен нервен агенс од советската ера, што некои западни земји го карактеризираа како обид за руско државно убиство.

– Мораме да ја спасиме нашата сиромашна, изнемоштена Татковина затоа што е ограбена, ранета, вовлечена во агресивна војна и претворена во зандана управувана од најбескрупулозните и најлошите никаквеци. Секое противење на оваа банда е важно, макар и само симболично. Нема да им ја предадам мојата земја и верувам дека темнината на крајот ќе згасне – напиша Навални на Твитер.

На почеток