Свет

Европскиот парламент бара ЕУ да ја стави ИРГ на листата на терористички организации

Европскиот парламент ја повика Европската унија да ја стави иранската Револуционерна гарда (ИРГ) на листата на терористички организации.

Тие го направија тоа притоа појаснувајќи дека воената организација има одговорност во репресијата на демонстрантите во Иран и испораката на дронови во Русија.

Односите меѓу земјите-членки на Европската унија и Техеран се влошија во последниве месеци, бидејќи преговорите за заживување на нуклеарниот договор се заглавени, пред се поради тоа што Иран уапси неколку европски граѓани, како и поради критиките на ЕУ за задушувањето на демонстрациите во Иран, пренесува Ројтерс.

Во текстот во кој се повикува ЕУ да ја стави ИРГ како терористичка организација, Европскиот парламент го осуди „бруталното задушување“ на Иран и ИРГ врз демонстрантите на протестите што избувнаа по смртта на Махса Амини, „нејзиното насилно апсење од страна на „полицијата на моралот“, злоупотреба и смрт“.

ЕП нема овластување или механизми да ја принуди ЕУ да ја додаде ИРГ на листата на терористички организации, но текстот претставува јасна политичка порака до Техеран, пренесува Ројтерс.

Етикетирањето на ИРГ како терористичка група би значело дека ЕУ го смета припадноста кон таа организација за кривично дело, а сите средства на ИРГ на територијата на земјите-членки веднаш ќе бидат замрзнати.

За ЕП гласаа 598 пратеници, против беа 9, а воздржани 31, пренесува британската агенција.

На почеток