Белата куќа за изјавата на Лавров: Тоа е апсурдно
Белата куќа ги нарече „навредливи“, „смешни“ и „апсурдни“ изјавите на Сергеј Лавров, кој целта на западната политика ја нарече „конечно решение на руското прашање“.
Покрај тоа, рускиот министер за надворешни работи го спореди со обидите на лидерот на нацистичка Германија, Адолф Хитлер, да ги уништи Евреите во Европа.
„Првата реакција е – како се осмелува да спореди нешто со холокаустот, со било што, а камоли со војна (во Украина) што самите ја започнале“, рече на брифинг координаторот за стратешки комуникации на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби.
„Тоа е… толку апсурдно. Не заслужува одговор“, рече Кирби.
Според него, обидите да се споредат САД со Хитлер и Холокаустот „се навистина навредливи“. Тој додаде дека изјавата дека западните земји „го загрозуваат правото на постоење на Русија“ е „смешна“.
Лавров на прес-конференција во Москва изјави дека, исто како Наполеон и Хитлер, САД собраа антируска коалиција и „преку Украина индиректно водат војна против нашата земја со истата задача – конечното решение на „руското прашање“ – исто како што Хитлер сакаше конечно да го реши „еврејското прашање“.