Свет

Западот го зголемува влогот во конфликтот во Украина, вели Захарова

Изјавите на западните политичари и испораката на ново оружје во Украина го зголемуваат влогот во конфликтот, се работи за провокативно поттикнување.

Ова го изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.

Имено, на социјалните мрежи Захарова потсети на сите изјави на западните политичари дека на Украина треба да и се испрати уште ново оружје, а сето тоа во светло на состанокот на таканаречената контакт група за воена помош за Украина, што се одржува во Американската база „Рамштајн“ во Германија.

„Денеска во Германија се одржува состанок на контакт групата, а главна тема е испораката на оружје за Украина, вклучувајќи системи за противвоздушна одбрана и тенкови. Претходно Вашингтон објави дека новиот пакет помош за Киев ќе изнесува 2,5 милијарди долари, додека американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека е неопходно да и се достави на Украина се што им е потребно за успех на теренот“, напиша Захарова.

Таа, исто така, рече дека администрацијата на Вашингтон отишла чекор подалеку, велејќи дека на Украина и треба оружје за да изврши напади на Крим.

Таа се осврна и на изјавата на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која ги повика сите европски земји да му дадат на Киев секое оружје што би било корисно за украинската армија. „Сето тоа го оценуваме како провокативно поттикнување од Западот, што дополнително го зголемува влогот во конфликтот и неминовно ќе доведе до зголемување на бројот на жртвите и опасна ескалација“, заклучи Захарова.

На почеток