Свет

Пленковиќ: Милановиќ оди од кал во поголема кал

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека хрватскиот претседател Зоран Милановиќ „оди од кал во поголема кал“.

Пленковиќ ова го изјави откако Милановиќ изјави дека Косово е украдено од Србија и дека Крим никогаш повеќе нема да биде украински.

„Од кал во поголема кал, до жив песок… Од лошо до полошо. Не знам до каде може да оди. Резимето на тој наратив е: Ајде да седнеме што е можно поскоро на (преговарачка) маса, да дозволиме Русите одземаат незнам колку илјади квадратни километри Украина и да заборавиме на проширувањето на НАТО или политиката на отворени врати. Украинците нека се покајат и чекаат до кога ќе ги убијат или колку територија ќе земат“, рече хрватскиот премиер пред новинарите, по седницата на претседателството на ХДЗ, пренесе агенцијата ХИНА.

Милановиќ претходно денеска повтори дека е против испраќање борбени средства во Украина, велејќи дека „сосема е јасно дека Крим никогаш повеќе нема да биде Украина“ и дека Косово „е одземено од Србија“.

„Кој го анектираше Косово? Меѓународната заедница и ние. Тоа беше одземено од Србија. Тоа не е анексија, туку заземање, дел од територијата што беше извлечена од Србија. Како се вика? Екстракција. Тоа не е шија, туку врат, ова не е внесување на прашањата за Косово, туку целиот концепт во кој некој мисли дека има право на се кога му одговара, а кога некој друг го прави тоа – тогаш тоа е кривично дело “, рече Милановиќ.

Пленковиќ изјави дека ниту една земја не го анектирала Косово и дека не знае дека концептот на екстракција постои во меѓународното право.

„До сега не сме доживеале ваков наратив за Косово. Не знам што го предизвика. Гледам дека (Милановиќ) сега е ѕвезда не само во руските, туку и во српските медиуми“, рече Пленковиќ.

На почеток