Петрова за случајот со таксистот кој допирал девојка по телото: Нам не ни треба општествена реформа, нам ни треба реформа во умовите!
Коментарите под веста: „19 годишна кичевчанка пријавила скопски таксист дека ја допирал по телото додека ја превезувал“ ми потврдија само дека под вакви и слични наслови секогаш постојат неписмени безделници коишто си ги лечат своите фрустрации. Ним не им е битно дали е 4.20 наутро или 12 на пладне, секако ќе го напишат тоа што го мислат. Поминаа седум месеци откако јас го пријавив мојот случај и уште чекам да го фатат манијакот, кој патем, го пишуваат и опишуваат по социјалните мрежи. Додека чекам МВР да се разбуди, одлучив со мојот говор за Ораторската вечер „Иво Пухан“ јавно да ги поддржам жртвите да бидат силни и да не молчат. #СамаСиГоБарала, вели Ведрана Петрова во својот статус на социјалните мрежи.
„Фројд вели: Конфликтот помеѓу волјата да се негираат ужасните настани и волјата да се кажат гласно е централната дијалектика на психолошката траума. Дијалектиката на траума предизвикува сложени, понекогаш чудни промени на свеста, кои Џорџ Орвел ги нарекува „двојно размислување“, а професионалците за ментално здравје „дисоцијација“.
Уште од мали нѐ учат дека заради нашата безбедност треба да гледаме на лево-на десно кога поминуваме улица, дека секогаш треба да бираме осветлена траса за да стасаме до нашата дестинација, дека не треба да зборуваме со непознати, дека јавниот превоз без оглед дали е автобус или такси е најсигурното и најбезбедното место.
Во ова последново, верував и јас до денот кога мојата прва роденденска честитка беше од манијак што пред мене се самозадоволуваше во преполн автобус. Да, во полн автобус, сред бел ден! Никој од патниците не реагираше. Никој! И сѐ уште никој не реагира, иако случајот го пријавив во полиција и таму го поминав преостанатиот дел од мојот роденден. Барем да ги почастев нешто. Па, нели имаме камери!? Safe city system? Имаме полиција која дава резултати! Имаме безбедна држава… имаме што на мое интересирање дали има нешто ново инспекторите ме викнаа на препознавање после три месеци и ми покажаа слики на лица кои ни приближно не соодветствуваа на описот што им го дадов. На одење ми дадоа задача. Ако го видам да го задржам или во најмала рака да го сликам. Толку! Господе фрли тула, ама биди прецизен!
Да ве потсетам, според член 190 од Кривичниот законик: Тој што пред друг врши полово дејствие на јавно место, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.
Господа, колку од вас преземаат нешто за да спречат да бидат сексуално нападнати? Слободно кренете рака. Како што претпоставував, се чувствувате непријатно во својата кожа, ова не е трик прашање, но вашиот одговор очигледно е ништо. Не размислувате за тоа, нели?
Драги дами, вас нема да ве прашам. Зашто знам дека ни стана навика. Кога сме сами ги стискаме клучевите или чантата како потенцијално оружје, гледаме на задното седиште на сопствениот автомобил пред да влеземе во него, ги затвораме сите прозорци кога спиеме, спиеме со светло, мобилниот телефон секогаш ни е при рака, не се качуваме во лифт со мажи, особено ако се непознати, носиме бибер спреј, трепериме, молчиме…
Е па, јас одлучив да не молчам! И не ми е срам! Прочитав еден куп гадотии од тоа „нека се шета гола и никој нема да ја погледне, до најзачудувачкиот: „Подобро ли е да бил геј? Треба да се награди“. Бев згрозена од коментарите, особено од жени, мајки кои се влезени во филмот дека вината е секогаш во нас – жените и дека „сами си го бараме“. Ме силуваа манијаците со своите коментари, ме силуваа жени чии ќерки можеа да бидат на мое место, ме силуваше другар кој не знаеше дека јас сум таа. Делеа совети, правеа свои приказни, судеа, колнеа…
Нам не ни треба општествена реформа, нам ни треба реформа во умовите! Ни треба некој што на ваквите „експертки“ ќе им објасни дека на манијакот не му е потребен повод, зашто е болен, исто како кога си болен и кашлаш, не кашлаш намерно, туку оти си болен. Ни треба некој што на „хероите“ во автобусот што гледаа и молчеа додека јас го удирав, да им укаже дека секое недејствување е соучесништво во кривичното дело. Само тогаш може да се надеваме дека сме тргнале на пат кон здраво општество.
Јас ја кажав мојата вистина и преживеав! Затоа девојки, жени, мајки ако некогаш сте биле или бидете во ваква ситуација, не чувствувајте вина, ниту срам зашто вината е на оној што се осмелил да посегне по вашето тело, а срамот е на државата што не се потрудила да ги научи мажите да не силуваат и да го почитуваат нашето „не“!
Бидете гласни, не молчете!
One Can – Youth“, стои во објавата.