Свет

Борељ загрижен за тензиите меѓу Македонија и Бугарија, го осуди поттикнувањето насилство

Шефот за надворешни работи на ЕУ, Јосеп Борељ, рече дека е загрижен за тензиите што се појавија меѓу Северна Македонија и Бугарија и го осуди поттикнувањето насилство.

„Неодамна видовме ескалација на тензиите меѓу Северна Македонија и Бугарија со жални инциденти и провокации“, истакна тој по повод средбата во Брисел со Бујар Османи, министерот за надворешни работи на Северна Македонија.

Борељ истакна дека „го осудува нападот во Охрид, како и властите во Скопје“ и додаде дека изјавите на Владата на Северна Македонија го уверуваат „дека одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата“.

Борељ изјави дека се слушаат „неприфатливи изјави на одредени националистички политичари, кои поттикнуваат омраза и имплицираат насилство“ и дека тоа „може само дополнително да ги ескалира тензиите и не придонесува за атмосфера што овозможува добрососедство и добри односи“.

Борељ смета дека „неопходна е заедничка работа на промовирање атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување бидејќи тоа е клучно на европскиот пат“ и „основата врз која се гради Европската унија“.

Тој, исто така, рече дека е „среќен“ што гледа дека процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската унија напредува и „со нетрпение очекува да продолжи да гради силни односи со Северна Македонија во наредните недели на нејзиниот пат кон членство во Европската унија“.

Шефот на дипломатијата на ЕУ ја пофали Северна Македонија за нејзиниот европски пристап, особено во областа на надворешната и безбедносната политика, каде, како што рече, Северна Македонија постојано се придржува 100 отсто до сите релевантни позиции и одлуки на Унијата.

На почеток