Свет

По пребарани 1.400 километри, пронајдена радиоактивната капсула од осум милиметри

Австралиските власти објавија дека е пронајдена радиоактивна капсула, која минатата недела беше изгубена во Западна Австралија и предизвика паника.

Потрагата по капсулата, која испадна од камион на патека долга 1.400 километри низ Западна Австралија меѓу градовите Њуман и Перт, траеше една недела, пренесува Ројтерс.

Камионот со капсулата пристигнал во складиштето во Перт на 16 јануари, а службите за итни случаи биле известени за исчезнатата капсула дури на 25 јануари.

Властите се сомневаат дека вибрациите од камионот предизвикале олабавување на завртките, а капсулата испаднала од пакетот, а потоа и од отворот во камионот.

Јадрото на капсулата содржи мала количина на радиоактивен цезиум-137, кој може да предизвика сериозни болести доколку се допре.

Капсулата е со димензии осум милиметри на шест милиметри.

Цезиум-137 е радиоактивен изотоп на цезиум со полуживот од 30 години.

Неговото ослободување се случува преку употреба на нуклеарно оружје, како и во случаи на несреќи во нуклеарни централи, поради што претставува голем ризик за животната средина, според Енциклопедија Британика.
Компанијата Рио Тинто пред три дена се извини за загубата на капсулата.

На почеток