Ердоган: Досега билансот на разорниот земјотрес е 912 загинати и 5.385 повредени


Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека досега билансот на разорниот земјотрес е 912 загинати и 5.385 повредени.
Ердоган се појави во директоратот на националната агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) за да ги координира напорите поврзани со земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што погоди 10 турски провинции и чиј епицентар се наоѓа во областа Пазарџик во Кахраманмарас, јави Агенција Анадолија.
„Повеќе од 9.000 луѓе учествуваат во операцијата за пребарување и спасување“, рече Ердоган на прес-конференцијата што ја одржа по проценката на ситуацијата во Координативниот центар АФАД.
Ердоган рече дека државата презела сеопфатна акција за санирање на последиците од земјотресот, ангажирајќи ги сите расположливи ресурси и на државно и на локално ниво.
Според неговите зборови, од урнатините досега се спасени 2.470 луѓе, а утврдено е дека се уништени 2.818 згради.
Ердоган потврди дека Турција добила понуди за помош од 45 земји.
Тој потсети дека претходниот најразорен земјотрес во Турција со јачина од 7,8 степени се случи во декември 1939 година на североистокот на Турција, кога загинаа повеќе од 30.000 луѓе, објави претходно Ројтерс.
Во јануари 2020 година, земјотрес со јачина од 6,7 степени според Рихтеровата скала ја погоди областа околу Елазиг, град во источна Турција, при што загинаа 41 лице, а над 1.600 беа повредени.
