Актуелно

(ВИДЕО) Голем протест во Тирана, Албанската опозиција бара оставка од Еди Рама: „Нарко-премиерот ни го зацрни лицето во светот“

Претседателот на албанската опозициска Демократска партија Сали Бериша на денешниот протест во Тирана побара од премиерот Еди Рама оставка.

Протестот на здружената опозиција се одржа пред зградата на Владата, а заврши со инцидент во кој демонстрантите фрлаа димни бомби и молотови коктели кон зградата на Владата, а потоа тргнаа кон Парламентот на Албанија.

Според Албанска пошта, полицијата покренала истрага за лицата кои ги предизвикале инцидентите.

Над 1.000 полицајци биле ангажирани за обезбедување на протестот, а вратата на влезот од Владата била блиндирана со дополнителен метален дел, пишува Албанска пошта.

Во својот говор Бериша ја опиша наводната афера на Рамa со агент на ФБИ како најсериозен скандал што „го наруши имиџот на земјата во светот“.

„Нарко-премиер без религија, без држава, без знаме го корумпира шефот на контраразузнавачката служба на сојузникот на САД“, рече Бериша и рече дека Рама треба да поднесе оставка по „овој чин на нелојалност кон голем сојузник на албанскиот народ.

Претседателот на Партијата на слободата и поранешен претседател на Албанија, Илир Мета, оцени дека Еди Рама за 10 години „ја искористил моќта за да ја приграби државата и за своите мафијашки интереси“.

Поранешниот претседател на Република Албанија истакна дека корупциската афера Мекгонигал-Рама го шокираше целиот свет од двете страни на Атлантикот.

Поранешниот агент на Федералното истражно биро (ФБИ) Чарлс Мекгонигал беше обвинет за сомнителни зделки со руски олигарси, но во обвинението се наведува дека тој имал сомнителни деловни врски со политичари од Албанија и Босна и Херцеговина.

Тој, меѓу другото, е обвинет дека не му ја открил на ФБИ, барем од август 2017 година, неговата врска со поранешен вработен во албанската разузнавачка агенција, опишана во обвинението како „Лице А“.

Исто така, според обвинението, тој не открил дека „имал контакти“ со албанскиот премиер Еди Рам, кој рече дека наводите против Мекгонигал немаат никаква врска со него.

На почеток