Едноминутно молчење за жртвите од земјотресите во Турција и Сирија пред натпреварите
Сите натпревари од Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Конференциската лига, кои ќе се играат оваа недела, ќе започнат со едноминутно молчење за жртвите од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија, соопшти денеска Европската фудбалска унија (УЕФА).
„Една минута молчење пред почетокот ќе се одржи на првите четири натпревари од осминафиналето на Лигата на шампионите, како и на првите осминафинални натпревари во Лига Европа и Конференциската лига“, се вели во соопштението од УЕФА.
Комеморативен транспарент со порака „Ние сме заедно со вас“ на турски и арапски ќе биде поставен на полињата низ Европа. Пораката ќе биде прикажана и од ТВ радиодифузерите и на огромните екрани на секој стадион.
„ЛЕД знаците околу стадионот ќе останат неосветлени во моментот на тишина како знак на најдлабоко сочувство и целосна поддршка за турскиот и сирискиот народ“, се додава во соопштението.
УЕФА пред три дена уплати „почетна донација од 200.000 евра за поддршка на хуманитарните напори по земјотресот во Турција и Сирија“.
Според последните информации, повеќе од 36.000 луѓе загинале во разорниот земјотрес, кој пред една недела ги погоди Турција и Сирија.