Турските и сириските жртви од земјотресот можат да одат во Германија – со виза
Властите во Берлин им нудат можност на жртвите од земјотресите во Турција и Сирија да бидат згрижени кај нивни роднини кои живеат во Германија или во државни засолништа, но само доколку ги исполнуваат важечките услови за добивање виза, соопшти денеска германското МНР.
Целта на Берлин е да им овозможи на таквите лица побрзо и полесно да дојдат во Германија во постојната законска рамка, објасни портпаролот на министерството, пренесе Ројтерс.
„Проблемот е, се разбира, ако некое лице нема пасош. Малку е веројатно дека оние што изгубија сè во земјотресот имаат пасоши, но не можеме едноставно да ја поткопаме турската администрација и да им издаваме дозволи за престој на лица без пасоши“, изјави портпаролот на германското МНР на редовната прес-конференција во Берлин.