Актуелно

Завршува потрагата по преживеани од земјотресот во Турција

Потрагата по преживеани и жртви од земјотресот што ја потресе Турција на 6 февруари е прекината, а тимовите за уривање почнаа да ги расчистуваат урнатините, соопштија денеска локалните власти.

– Напорите за пребарување и спасување се завршени во зоната на земјотресот, освен во јужните провинции Кахраманмарас и Хатај, изјави Јунус Сезер, шефот турската Агенција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД).

Сезер рече дека повеќе од 20.000 персонал продолжуваат да работат на теренот, додавајќи дека напорите за пребарување и спасување продолжуваат во речиси 40 згради.

Речиси 250.000 шатори и над 6.000 контејнери се поставени во зоната на земјотресот.

АФАД соопшти дека во „зоните на катастрофи“ што ги прогласи владата и опфаќаат 11 провинции, по првиот земјотрес со јачина од 7,8 степени, потоа се случиле уште 6.040 земјотреси.

АФАД предупреди дека „исклучително е важно луѓето да бидат подалеку од оштетените објекти и да не влегуваат во нив“.

Се предупредува и на дополнителни опасности, како што се свлечишта и одрони.

Околу 105.794 објекти, кои беа проверени од турското Министерство за животна средина и урбанизам, се или уништени или толку оштетени што е неопходно да се урнат, со безбедносни мерки, од градежните екипи.

Според последните податоци, најмалку 40.689 луѓе загинаа во двата силни земјотреси што ја потресоа јужна Турција на 6 февруари.

На почеток