Актуелно

Градоначалникот на Лондон воведува бесплатен оброк за деца во основните училишта

Градоначалникот на Лондон Садик Кан претстави план за воведување бесплатни оброци за секој основец во британската престолнина за една година, пренесува Sky News.

Тој истакна дека еднократната шема од 130 милиони фунти, која стапува на сила од септември, има за цел да им помогне на домаќинствата кои се борат со економската криза и зголемените трошоци за живот.

Се проценува дека овој потег ќе им помогне на семејствата на околу 270.000 основци, кои ќе заштедат околу 440 фунти по дете. Во моментов, домаќинствата во Англија можат да аплицираат за бесплатни училишни оброци доколку заработуваат помалку од 7.400 фунти годишно.

Според Фондацијата за храна, околу 800.000 деца во Англија живеат во сиромаштија, но сè уште не ги исполнуваат условите.

– Слушаме приказни за родители кои прескокнуваат оброци за да можат нивните деца да јадат, за наставници кои носат храна за да можат нивните ученици да јадат. Па дури и потресни приказни за деца без ручек. Она што можам да го направам е да одвојам 130 милиони фунти, така што секое дете во основно училиште во Лондон ќе има бесплатен училишен оброк во текот на денот најмалку една година од следната учебна година – изјави Кан за Sky News.

Тој укажа на истражувањето на сметководствената фирма PvC кое покажува дека инвестирањето во универзални бесплатни училишни оброци ќе донесе нето економска корист за општеството од 2,45 милијарди фунти во текот на 20 години.

Запрашан за продолжување на бесплатните оброци за средношколците, Кан рече дека се надева оти владата ќе види дека ако Лондон може да си дозволи да го направи тоа со ограничени овластувања и ресурси, тогаш ќе има обновен интерес да се осигура дека децата во Британија „имаат барем еден хранлив оброк во текот на денот“.

Ана Тејлор, извршен директор на Фондацијата за храна, ја повика владата да ја следи иницијативата на Кан и да инвестира во проширување на бесплатните училишни оброци во претстојниот пролетен буџет.

Таа изјави дека најавата на градоначалникот е голем чекор напред за заштита на благосостојбата на децата, но дека надвор од Лондон, стотици илјади деца сè уште живеат во сиромаштија затоа што не се квалификуваат за бесплатни училишни оброци.

На почеток