Актуелно

(ВИДЕО) Повеќе од 60.000 најнасилни криминалци ќе бидат сместени во овој мега-затвор

Салвадорскиот претседател Наџиб Букеле објави дека првите 2.000 затвореници биле префрлени „во зори, во една операција“ во Центарот за борба против тероризмот, кој според него е најголемиот затвор во Централна Америка.

– Ова ќе биде нивната нова куќа, во која ќе живеат со децении, сите измешани, не можејќи да нанесат дополнителна штета на населението – напиша Букеле на Твитер, додека министерот за безбедност на оваа централноамериканска земја ги предупреди затворениците дека „никогаш нема да излезат од тука“.

Мегазатворот во Теколока, 74 километри југоисточно од главниот град Сан Салвадор, се состои од осум згради, пишува Гардијан.

Секоја од нив има 32 ќелии од околу 100 квадратни метри за сместување на „повеќе од 100“ затвореници, според владата на Ел Салвадор.

Ќелиите имаат два мијалници и по два тоалета.

Во март минатата година, претседателот Букеле им објави војна на бандите, воведувајќи вонредна состојба која неколкупати ја продолжуваше.

Во борбата против криминалот беа уапсени повеќе од 64.000 осомничени.

Властите рекоа дека бандите како што се МС-13 и Барио-18 се бројат во десетици илјади и се одговорни за убиства, изнуда и трговија со дрога. Целта на масовните апсења е „целосно искоренување“ на бандите, додаваат од Владата.

Организациите за човекови права предупредија дека во овие акции се уапсени невини луѓе од политички причини, а некои од приведените пријавиле дека биле подложени на „сурово, нечовечко или понижувачко постапување“.

Сепак, акциите на Букеле против бандите се уште се популарни меѓу салвадорското население, пишува британскиот весник.

На почеток